Македонија го доби својот претставник за Светското првенство Microsoft Office Specialist во Калифорнија

Во просториите на Семос Едукација вчера се одржа националниот натпревар Microsoft Office Specialist (MOS), на кој за победник беше прогласен Матеј Спасиќ од Куманово. Со освоеното прво место, тој добива можност да ја претставува Македонија на Светското првенство Microsoft Office Specialist World Championship што ќе се одржи во Калифорнија, САД.
На годинашниот натпревар учествуваа ученици од околу 20 средни училишта од целата држава, кои ги демонстрираа своите знаења и практични вештини за работа со Microsoft Word, Excel и PowerPoint. Натпреварот претставува дел од глобалната програма Microsoft Office Specialist, преку која младите добиваат можност да стекнат меѓународно признати сертификати и да ги потврдат своите дигитални компетенции.
Победникот, заедно со својот ментор, ќе отпатува во Анахеим Калифорнија каде ќе се натпреварува со најдобрите ученици од целиот свет и ќе ја претставува Македонија на најголемиот светски натпревар за Microsoft Office вештини.
На прогласувањето на победниците присуствуваше и Арек Јаворски, регионален директор на Certiport за Европа и Централна Азија, кој ја нагласи важноста на ваквите иницијативи за развој на дигиталните вештини кај младите.
„Секоја година гледаме талентирани млади луѓе кои преку своето знаење и посветеност покажуваат дека се подготвени за предизвиците на современиот дигитален свет. Microsoft Office Specialist програмата не е само натпревар, туку можност учениците да стекнат меѓународно признати вештини и сертификати кои ќе им помогнат во нивното понатамошно образование и професионален развој. Задоволство ни е што Македонија и оваа година е дел од оваа глобална иницијатива“, изјави Јаворски.
Според Валентина Тасева, генерален директор на Семос Едукација, натпреварот претставува можност младите да го покажат својот потенцијал и да добијат меѓународна афирмација.
„Горди сме што и оваа година имавме можност да ги собереме најдобрите ученици од целата држава и да им овозможиме да бидат дел од еден светски признат натпревар. Нивните резултати се доказ дека во Македонија има млади луѓе со исклучителен потенцијал, кои можат рамноправно да се натпреваруваат со своите врсници од целиот свет. Нашата цел е да продолжиме да создаваме можности преку кои тие ќе ги развиваат своите знаења, вештини и самодоверба и ќе бидат подготвени за предизвиците на иднината“, изјави Тасева.
Светскиот натпревар Microsoft Office Specialist World Championship е организиран од Certiport и претставува најголемото светско натпреварување за сертифицирани корисници на Microsoft Office. Секоја година на него учествуваат национални победници од десетици земји ширум светот, кои ги одмеруваат своите знаења и вештини во користење на Microsoft Office алатките.
Реализацијата на националниот натпревар беше овозможена со поддршка на Стопанска банка АД Скопје како главен спонзор, како и со поддршка од Град Скопје и Општина Куманово. Покровител и организатор на настанот е Семос Едукација, која повеќе години активно работи на развојот на дигиталните вештини и унапредувањето на ИТ образованието во земјата.
Со пласманот на светското првенство, победникот и неговиот ментор ќе добијат можност да ги одмерат своите знаења со најдобрите млади Microsoft Office експерти од целиот свет и достојно да ја претставуваат државата на една од најзначајните глобални сцени за дигитални вештини.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски по средбата во Софија: Бугарија нема нови барања, тоа се истите од 2022 година
-

Мицкоски најави избори
-

ДЗР утврди сериозни слабости во остварување и исплата на правата од социјална заштита во Македонија
-

Савески не гледа ништо спорно што му се јавил премиерот
-

Гром предизвика огнена драма над Штип, за среќа пожарот е изгаснат
-

Ѓорѓиевски: Утврден е сериозен недостаток на пожарникари во целата држава
-

Законите што ќе овозможат изградба на дата центри без дебата го поминаа првиот собраниски филтер
-

Алиу – Новиот клинички центар во близина на ГОБ 8-ми Септември најповолно решение
