Бизнис
3. September 2023 - 16:34

Македонија ја почна ИПАРД 3 програмата, на располагање 97 милиони евра

Нови 97 милиони евра од Европската Унија за модернизација на земјоделието - Македонија прва во регионот започнува со ИПАРД 3 програмата. Ова е зголемување од 37 милиони евра споредено со програмата ИПАРД 2, со која имавме на располагање 60 милиони евра. Ковачевски вели дека зголемувањетео на средствата е поради тоа што земјава има голема искористеност во претходната програма. Додава дека крајна цел е економијата да напредува преку членство во ЕУ, оти влезот во Унијата ќе донесе уште повеќе пари од европските фондови.

„Ако ние овде зборуваме за Северна Македонија, за финансиски средства од 100 милиони евра на годишно ниво само за споредба земји членки на ЕУ Хрватска и Словенија ќе имаат на располагање во пет годишен период шест милијарди евра, а тоа е огромна разлика за кофинансирање на потребите на развој на земјоделството на државата кандидат и држава членка на ЕУ. ЕУ е наш најголем донатор“ – Димитар Ковачевски, премиер

Првиот повик е објавен и ќе трае до 1 ноември. Со него на располагање се 30 милиони евра за македонскиот агросектор. Помошта може да се исплати авансно, веднаш по потпишувањето на договорот. Опремата, пак, може да се набави од која било земја.

„Ова се средства за нови можности, за многу нови инвестиции за изградба и реконструкција на фарми, оранжерии, амбари, силоси, објекти за земјоделска механизација, објекти и опрема за постбербени активности, објекти и опрема за преработки, опрема за собирање, калибрирање, складирање, ладење, сушење, замрзнување. Нова можност за подигнување на долгогодишни овошни, лозови и други насади, набавка на системи за наводнување, набавка на специјализирани транспортни возила“ – Љупчо Николовски, министер за земојделство

Преку ИПАРД 2 склучени се над 2.300 договори. Власта очекува дека новата програма ќе ја надмине оваа бројка, бидејќи копаниите веќе имаат искуство со апликациите.