Марш во Прилеп како почит за паднатите херои
Со положување на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Алејата на Великаните и Могилата на Непобедените
Денеска во Прилеп се одбележа 78 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистите на 11 октомври 1941 година. После долги години беше возбновен и маршот каде голем број на граѓани, ученици, претставници на Владата, политичките партии и граѓански здруженија од Участакот пешки се движеа низ улиците на Прилеп до Паркот на Револуцијата каде оддадоа почит на паднатите херои.
„Добро е што на ваков собир, најголем во Македонија, највеличествен, учествуваат и млади генерации, кои што треба да го паметат ова, затоа што најхрабрите, најпатриотските сили, скоевци и комунитсти, го дадоа својот живот за слободна Македонија“, изјави Круме Соколоски, претседател на Здружението на борци на Општина Прилеп.
На одбележувањето беше потенцирано дека треба идните генрации треба да ги продолжат идеалите на партизаните.
„Ни предстои период во кој сите заедно мора да се избориме и да ги изодиме клучните чекори на нашата европска интеграција. Друга опција немаме. Оваа земја мора да ја направиме подобро место за живеење за сите нас, за генерациите кои што доаѓаат. Тежок бил патот на нашите предци за слободна држава, не е лесен ниту сега“, рече Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
„Нашата обврска е напорно да работиме за безбедна, стабилна, економски силна, европска Република С. Македонија“, додаде Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека е предавничка затоа што со сите досегашни решенија ги предала интересите и склучила капитулантски договори.
„Од Прилеп започнало тогаш, за брзо од Прилеп ќе започне и сега обновата на современа, македонска држава. Да ги поправиме грешките на оваа предавничка власт, која ги прави овие 3 години, го понижува, го обезличува и го обезименува Македонскиот народ и македонската држава“, изјави Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
За време на НОБ Прилеп дал 650 жртви, а од 25.000 граѓани колку што броел во 1941-ва околу 8.000 учествувале во војната. Од 66 народни херои во Македонија 15 се од Прилеп. Токму затоа во 1975 година е прогпасен за Град херој.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар