Муцунски: Од земја која во минатото бараше помош, денес сме држава која ги штити своите граѓани и им помага на пријателите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски истакна дека државата денес покажува дека има институционален капацитет брзо и ефикасно да реагира во кризни ситуации, да ги заштити своите граѓани каде и да се наоѓаат, но и да помогне на своите пријатели и партнери.
Тој посочи дека изминатата година за Министерството за надворешни работи и надворешна трговија била особено предизвикувачка во делот на кризниот менаџмент, бидејќи институцијата трипати се соочила со сложени ситуации од голем логистички и безбедносен карактер.
-За нас како институција, последната година во делот на кризниот менаџмент беше навистина предизвикувачка и сложена. Ова е трет пат да се соочиме со криза од ваков логистички калибар, која пред сè има човечка и безбедносна димензија, истакна Муцунски, во гостувањето во емисијата „Вечерното шоу на Богдан“.
Тој потсети дека по трагедијата во Кочани Министерството било клучен учесник во процесот на извлекување на 115 повредени македонски граѓани, нивното лекување во странство и нивното враќање во државата. Неколку месеци подоцна следела безбедносната криза помеѓу Иран и Израел, кога била организирана евакуација на македонски државјани од погодениот регион.
Муцунски нагласи дека и во последната криза државата повторно успешно реагирала, иако ситуацијата била дополнително сложена поради фактот што македонски граѓани живеат и престојуваат во повеќе земји од регионот на Блискиот Исток, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и Израел.
-Сметам дека во сите три ситуации постапивме успешно како институција, а и повратните реакции од граѓаните покажуваат дека државата стои зад нив и дека може да сметаат на поддршка во најтешките моменти, посочи министерот.
Тој истакна дека особено се гордее со фактот што со четирите организирани евакуациони летови биле извлечени и 78 странски државјани, што, како што нагласи, ја позиционира Македонија како пример на регионално лидерство и солидарност.
-Во минатото знаевме да бидеме држава која единствено бара солидарност. Денес сме држава која во кризни и тешки времиња нуди солидарност на своите соседи и на своите меѓународни партнери, изјави Муцунски.
Во рамки на спроведената операција, со четири организирани летови беа евакуирани вкупно 458 патници, од кои 380 македонски државјани и 78 странски државјани.
Муцунски нагласи дека овие активности претставуваат потврда дека државата има капацитет брзо и ефикасно да реагира во кризни ситуации, штитејќи ги своите граѓани каде и да се наоѓаат, но и помагајќи им на пријателските земји кога тоа е потребно.
Тој истакна дека во вакви операции клучен приоритет е безбедноста на граѓаните. -Најважно е во целиот процес да не дозволите ниту еден македонски граѓанин да биде доведен во безбедносен ризик. Зад ваквите операции стои многу работа во позадина и координација на повеќе институции, посочи Муцунски.
Министерот нагласи дека особено значајна е улогата на дипломатско-конзуларните претставништва, кои заедно со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија учествувале во организирањето на целиот процес.
-Тука се гледа и добрата соработка меѓу државите, но и позиционираноста на нашата држава. Нашите дипломатско-конзуларни претставништва буквално работеа деноноќно, што го потврдува и позитивниот фидбек од граѓаните, нагласи Муцунски.
На крајот, министерот порача дека грижата за македонските граѓани е основна обврска на државата.
-Ниту има потреба од честитки и благодарност. Кога сте македонски граѓанин, треба да знаете дека имате држава и институции кои стојат зад вас. Националните интереси секогаш ќе бидат заштитени, но националните интереси не се само политика – тие се секој еден македонски граѓанин, каде и да се наоѓа надвор од границите на државата, истакна Муцунски.
МИА
Ново на Сител
-

Превозниците бараат поврат на дел од акцизата за дизел
-

Тема на денот со Зоран Љутков, министер за култура и туризам
-

Обид за намалување на цената на горивата и ублажување на енергетската криза
-

ССМ: Поскапувањето во маркетите почна, излезете на протест за повисоки плати
-

Мицкоски: Македонија системски подобро реагираше по пожарот во Кочани од Швајцарија во Кран Монтана
-

Екс директорот на Комунална, Рустеми се сомничи дека злоупотребил над 68.000 евра за фиктивни услуги
-

Обвинение за сопругот на Ивана: Насилството довело до самоубиство
-

Закани за бомби и убиства во медицинското училиште во Тетово – приведен 18-годишник
