Граѓаните утре ќе дознаат колку ќе поскапи струјата
Граѓаните ја чекаат одлуката на Регулаторна за колку ќе поскапи струјата. Колкава цена ќе плаќаат по Нова година, ќе се знае утре. Фирмите пак, го чекаат Регулаторот да реагира и да ги казни снабдувачите со електрична енергија, кои без основ им ги раскинуваат договорите. На некои им било побарано и авансно да платат по 500 евра за мегават. За владата, таквите уцени се несериозни и неморални. Ако е потребно – ќе реагираат.
– Ние не можеме да влеземе, но секако веќе со РКЕ дискутираме дали основот на раскинување е соодветен според Законот за облигациски обврски и според Законот за енергетика. Ако видиме дека има прекршување на тие одредби секако Владата ќе интервенира. Во овој момент за наша среќа, среќа на граѓаните, на стопанствениците, берзанските цени на електрична енергија паѓаат и затоа укажувањето дека некој ќе понуди цена од 500 евра за мегават час за следната година сметам дека се несериозни. Го знаете мојот став околу такви неморални, неетички однесувања во пазарната економија, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиерзадолжен за економски прашања.
Инаку, Владата за првите 6 месеци од наредната година обезбедила доволни количини струја и за граѓаните и за малите потрошувачи. Тие ќе користат електрична енергија по повластени цени, односно по пониски од берзанските. За останатите, се бара начин како да се поддржат.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
