Бизнис
10. March 2022 - 16:38

Забрана за извоз на масло за јадење, од денеска дел од производите се продаваат по набавна цена

Лебот, брашното и маслото за јадење од денеска ќе се продаваат по набавна цена. Согласно владинита одлука – белиот и полубелиот леб, сончогледовото масло за јадење и брашното тип 400, трговците се обврзани да го продаваат без маржа, односно без заработка. 

Според министерот зa eкономија Бектеши, не се очекува маркетите да трпат загуби, затоа што продаваат и други производи, а бенефитот за граѓаните ќе биде голем.

Маркетите или супермаркетите имаат илјадници други производи, овде станува збор само за 3, така да, не очекуваат да имаат загуби, туку нема да имаат профит од овие производи, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Со помала заработка, односно маржа од 3% ќе се продаваат шеќерот, кравјото млеко, свежото месо, сирењето, урдата, македонскиот ориз, јајцата, шпагетите и макароните. Овошјето и зеленчукот не се опфатени со новата мерка. Се намалува и  профитната маржа за трговците на големо од 10 на 4%. За да не се случи недостиг на масло за јадење, времено се забранува неговиот извез. Не е исклучено во забраната да се најдат и други производи. 

-Постои можност тоа да се случи и со брашното, пченката и пченицата. Проценките се дека во периодот од 1 до 8 март од државава се извезени 330 тони зејтин, додава Бектеши.

Инспекциите ќе работат на терен и ќе ги проверуваат цените. За оние кои нема да ја  почитуваат мерката, ќе следуваат казни. 

Владината одлука, за да се заштити стандардот на граѓаните од ценовниот удар, ќе важи до 31 мај.