Македонија
5. April 2023 - 16:32

Порасна интересот за вакцинација по случајот на бебето заразено со морбили

Случајот на 13 месечното дете од Свети Николе заболено од морбили или мали сипаници, кое беше хоспитализирано на Инфективното одделение при Штипска клиничка, ги алармираше родителите кои го прескокнале терминот за прва доза, да ги донесат своите деца на вакцинација.

- Морам да кажам дека е зголемен интересот кај родителите за примање на оваа доза, така што овие денови оние родители кои доцнеа со вакцина, се јавуваат за да бараат термин за вакцинација- изјави д-р Дијана Коцева Миланова, Здравствен дом-Штип.

Лекарите уште на почетокот од годината предупредуваа дека нискиот степен на имунизација од морбили може да доведе до нова епидемија. За да се оствари солиден колективен имунитет, потребна е вакцинација на 90 до 95% од децата на една годишна возраст.

- Очекуваме сега, по појавата на првиот случај, да биде зголемена и свесноста кај самите родители за заштита на здравјето на децата, бидејќи единствениот докажан начин за превенција на оваа болест е примањето на вакцина- изјави Коцева Миланова

Според Коцева – Миланова не се работи за тоа дека родителите ја избегнуваат имунизацијата, туку дека ја одлагаат. Најчесто се чека детето да прооди и прозбори, а дури потоа го носат на вакцинација. Ваквиот став е неоснован и неоправдан, бидејќи со тоа го изложуваат сопственото дете да биде подложно на инфекција.

- Има голем процент на заразност. Од 10 деца кои доаѓаат во контакт, а не се имунизирани, ќе заболат дури 9 и компликациите кои може да ги даде самата болест се сериозни, сериозна пневмонија, воспаление на мозокот, па дури во ретки случаи и смрт - додаде Коцева- Миланова

Последен пат епидемија на морбили имаше пред 4 години, кога на штипско инфективно завршија 20-тина пациенти.