Нема рамномерен регионален развој во Македонија
Нема рамномерен регионален развој во 8-те плански региони, стои во ревизорскиот извештај. Министерствата најголем дел од средствата ги насочувале кон Скопскиот, а најмалку кон источниот плански регион. Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа постојано укажувале на оваа неправилност.
- Тоа утврдување на ревизорот се однесува за другите ресорни министерства. Затоа ние инсистираме како Биро, кое сега ќе се трансформира во Агенција, средствата коишто треба да се доделат на ниво на државата, да се почитува процентот на развиеност, изјави Рамиз Реџепи, директор на Биро за регионален развој.
Југоисточниот и Вардарскиот регион се на граница да опстојат, што имплицира или помалку пари за регионите со помал број жители или нова регионална распределба.
- Реално имаме проблем со два плански региони, каде што според последниот попис имаме помал број на жители, а во однос на распределбата на планските региони, тоа е веќе политичко прашање-додаде Реџепи
Граѓаните и компаниите од 11-те општини од Источниот плански регион се дел од проектот финансиран од Бирото и УНДП за дигитализација на општинските услуги, преку имплементација на LoGeS- првиот софтвер за е-услуги на локално ниво во државата.
- Ќе можат сите општински услуги да ги добијат по електронски пат, да можат да поднесат и потполнат соодветно барање, а ќе можат исто така и сите административни такси и плаќања да ги вршат електронски, изјави Иван Јорданов, претседател на ИПР.
- Изработката и пуштањето на платформатата на LoGeS, на облак, односно, cloud, овозможува меѓуопштинска соработка на нов и високотехнолошки начин, каде што една условно речено поголема општина обезбедува информациско телекомуникациски услуги за другите условно речено помали локални самоуправи во однос на администрирање и одржување на дигиталните алатки, изјави Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП.
Платформата обезбедува ист број и ист квалиетет на е –услуги за граѓаните на сите општини, без разлика на нивната големина, со што се почитува принципот за еднакви можности за сите граѓани.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар