Македонија
15. April 2023 - 19:34

Експертски предупредувања - потребно е задржување на соодносот на платите

Растот на минималната и стагнацијата на останатите плати во една приватна компанија или институција, наместо да решава, креира многу по сложени проблеми, сметаат економистите. 

Еден таков е т.н. „бел штрајк“, кога работникот работи, ама не доволно, туку формално.

„Не се ангажира доволно, не го дава ефектот што го давал порано или што се очекува од него и на тој начин трпат сите. Граѓаните, поради несоодветни услуги од инситуциите каде што се обраќаат, во претпријатијата опаѓа продуктивноста“, изјави Глигор Ивановски, економист.

Мора да се работи и на задржување на соодносот на платите помеѓу вработените и да се бара начин да се мотивираат и оние кои земале повисоки плати, а сега нивните лични примања се во стагнација.

„Можеби поради поголем работен стаж, тој со најниската плата, со додаток на плата за минат труд ќе ја надмине вкупната плата на благајникот или на некој друг работник што врши многу посложени работни задачи во таа организација или институција“, додаде Ивановски.

Од друга страна, смета Ивановски, замрзнувањето на цените е популистичка мерка, неодржлива на подолг рок, во услови кога домашната економија има пад на продуктивноста.

„Ова е со цел да се каже дека државата ја држи ситуацијата под контрола, но тоа не е така. Контролата ја држат трговците, поголемите, не зборуваме за продавници или маркети, зборуваме за трговците на големо кои што го контролираат целокупниот увоз“, изјави Ивановски.

Според статистиката, потрошувачката кошничка за едно семејство чини од 60 до 70% од семејниот буџет, а во развиените земји трошоците за исхрана се помалку од 30% од вкупните примања.