Македонија
16. April 2023 - 16:29

Хидросистемот „Калиманци“ полн со вода - оризопроизводителите бараат водата да се пушти навреме за претстојната жетва

Врнежите од дожд изминативе неколку денови значително ја сменија хидролошката состојба во браната „Калиманци“. Од водостопанство „Брегалница“ информираат дека во моментот има 95 милиони кубни метри вода, што е за 25 % помалку од вкупниот капацитет. Оризопроизводителите интензивно работат на подготовка на површините за претстојната сеидба, но бараат навремено да биде пуштена водата во хидросистемот.

- Се зависи од водостопанство. Треба барем од 20-ти до 25-ти април да се пушти водата, а тие ја пуштаат на 25-ти мај и оризот секогаш доцни и нема приход, изјави Благој Демишков, оризопроизводител.

- Подолг период, веќе неколку години имаме каснење на сеидбата, што придонесува за послаб квалитет и намалени количини на арпа, изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител.

Доцната испорака на водата за наводнување значи и откажување од сеидба на традиционалните сорти на ориз, кои се со повисок квалитет и препознатливи за кочанскиот регион.

- Мора да се насочиме кон сеидба на ориз со семенски материјал кој што има кратка вегетација. Затоа каснењето на водата ќе не доведе до тоа, да го изгубиме квалитетот кој што го имавме со примарната сорта, а тоа е Сан андреа_та, додаде Ташовски.

Оризопроизводителите сметаат и дека не се работи на стимулација на домашното производство, зашто се воведуваат нови нормативи кои се на штета на земјоделците.

- Со замрзнување на цената, укинувањето на субвенциите и воведувањето на некои додатни трошоци, како осигурување, ќе не доведе ние самите да се откажеме од оризопроизводството, изјави Ташовски.

Наместо првично планираните 2500 ха, сега вода за наводнување ќе има за 3500 ха под ориз во Кочанско.