Штипјани се жалат од дивите продавачи, општината бара помош од пазарната инспекција
Тротоарите и паркинзите околу штипскиот градски пазар „окупирани“ од т.н. диви продавачи. Жителите на околните стамбени згради се жалат дека влезовите и дворовите ги користат како јавни тоалети, а зад себе оставаат смет и комунален неред. Неправилно е велат, некој уредно да си плаќа за користење на продажен простор и да одговара за хигиената, а други тоа да го прават „на црно“ и при тоа да акумулираат отпад.
-Во непосредна близина се наоѓа градскиот пазар, каде што останатите трговци плаќаат редовна давачка, такса за изнајмување на тезгите, а овде се случува нешто сосема друго. Втората ситуација, проблемот со комуналната хигиена е проблем кој пред се ги иритира граѓаните од оваа населба „Автокоманда“ и треба под итно да се санкционира-изјави граѓанин на Штип.
Локалната самоуправа е не може да се справи со овој проблем, зашто иако изминатите неколку месеци во соработка со полицијата спроведоа неколку акции за сузбивање на сивата економија која се одвива на очиглед на сите, тие се немоќни без пазарниот инспекторат, кој не е под нивна ингеренција.
-Апелирам до директорката на пазарна инспекција, конечно да се охрабрат и да го сроведат Законот, секаде да важи исто. Не може во општина Струмица да бидат избркани овие пазарџии затоа што узурпираат јавна површина, затоа што создаваат комунален неред, прават проблеми на граѓаните, вршат измами на купувачите, а во општина Штип истите да не можат да подлежат на санкции од страна на пазарниот инспекторат, кој може да им ја одземе робата и да не им дозволи повеќе да продаваат и функционираат, изјави Иван Јорданов, градионачалник на Штип.
Изговорот кој градоначалникот го добил од пазарните инспектори, на прашањето зошто не постапуваат по пријавите, бил дека, немале формулари за да им напишат казни на илегалните препродавачи.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар