Штипските училишта со стратегија како да штедат струја
На стартот на учебната година, штипските основни и средни училишта формираат тимови и креираат стратегија како да заштедат на електрична енергија во текот на претстојната зима. Проблемот со кои се соочуваат не е ни малку едноставен, зашто како што велат, училниците каде претстојуваат учениците мора да бидат топли, а во исто време треба да се штеди.
- Клучни се два сегменти. Или да обезбедиме дополнителни средства за подмирување на трошоците за греење или добро да ги изменаџираме веќе посточеките средства со кои располагаме. Знаете дека, како општинско училиште не можеме да обезбедиме дополнителни средства, а тоа значи дека треба добро да ги изменаџираме средствата со кои располагаме, бидејќи на нас првично ни е задоволување на потребите на учениците-изјави Невенка Величкова, директор на ООУ „Димитар Влахов “- Штип
Некои училишта веќе имаат подготвен план како да се справат со енергетската криза.
- Половина од училниците ќе ги исклучиме од електрична енергија, а другата половина да бидат вклучени, за да можат наставниците да користат интернет. Во зимскиот период се знае, само парното ќе работи, дополнителни апарати нема да се вклучуват. Така доста ќе заштедиме - изјави Коце Харизанов, директор на ООУ „Тошо Арсов “- Штип
Набавката на нафта за училиштата веќе е завршена. Од општина Карбинци информираат дека на третиот повик се јавила фирма која ќе обезбеди огревно дрво за 9-те подрачни училишта.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар