Сиљановска - Давкова: Да се влезе „Во мојот свет“, значи да се признае дека тој е и наш заеднички свет

Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова денеска присуствуваше на отворањето на Центарот за дневен престој за лица со попреченост и индивидуален третман „Во мојот свет“, во општината Ѓорче Петров, Скопје.
Во рамките на посетата, директорката на Центрите за индивидуален третман, Ангела Чингоска, ја претстави мисијата и долгогодишната работа на Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“, на чија иницијатива е отворањето на центарот за дневен престој.
Претседателката ги разгледа просториите опремени со современа и специјализирана опрема, којашто овозможува унапредување на психомоторниот, сензорниот и социјалниот развој на децата.
Поздравувајќи го отворањето на центарот, Сиљановска-Давкова порача дека односот кон лицата со попреченост е огледало на зрелоста, хуманоста и солидарноста на едно општество. Според неа, вистинската инклузија подразбира создавање услови во коишто секој човек ќе може достоинствено да учи, да се развива, социјализира и активно да учествува во заедницата.
- Да се влезе „Во мојот свет“, значи да се признае дека тој е и наш заеднички свет! - рече Сиљановска-Давкова и изрази очекување да се прошири мрежата на слични дневни центри.
Таа упати благодарност до Здружението „Во мојот свет“, до вработените за нивниот ентузијазам, до градоначалникот за отстапениот простор, до бугарскиот амбасадор за финансиската поддршка, до фондацијата „Механџиски“ за хуманоста и до сите општествено одговорни субјекти коишто придонеле во реализацијата на овој значаен проект.
Центарот е наменет за поддршка, социјализација, стекнување животни вештини и подобрување на квалитетот на живот на младите лица со попреченост, преку индивидуализиран пристап, прилагоден на нивните специфични потреби.
Особен акцент ќе биде ставен на децата со аутистичен спектар и атипичен развој, како и на поддршката и советувањето на нивните семејства.
Лиценцираниот центар располага со капацитет за 24 млади лица на возраст од 14 до 26 години, како и за 20 деца до 14-годишна возраст и претставува значаен исчекор во развојот на инклузивните и социјалните услуги во заедницата.
Просторот на центарот е реконструиран и унапреден со поддршка од Амбасадата на Република Бугарија преку проектот за реконструкција и опремување на прв дневен центар во РС Македонија за младинци и возрасни од аутистичниот спектар и Компанијата Зегин преку донација за поддршка на доуредувањето на центарот.
Услугата е целосно бесплатна, а Центарот опфаќа два дела, едниот за дневен престој на лица со попреченост од 14 до 26 години, а другиот дел за индивидуален третман на деца од една до 14 години.
Во првиот дел, за адолесценти и млади лица од 14 до 26 години, Центарот има капацитет за 24 корисници и е наменет за адолесценти и млади лица кои имаат потреба од структуирана дневна поддршка, социјализација и развој на функционални вештини. Работата се реализира преку групни активности насочени кон: развој на социјални и комуникациски вештини, поттикнување самостојност и грижа за себе, стекнување секојдневни животни навики,
работно-окупациски и креативни активности, физички активности и рекреација, поддршка во емоционална регулација и адаптација во заедницата.
Работата со корисниците ја реализираат четири стручни лица и четири негуватели, кои обезбедуваат континуирана поддршка, надзор и асистенција во секојдневното функционирање на корисниците.
Центарот за дневен престој на лица со попреченост - индивидуален третман на деца од една до 14 години, има капацитет до 20 корисници и е наменет за деца со развојни потешкотии. Работата е насочена кон рана интервенција, стимулација и поттикнување на целокупниот развој на детето преку индивидуализиран пристап.
Третманите ги реализираат две стручни лица и тие се насочени кон поттикнување на моторниот и сензорниот развој, когнитивна стимулација и развој на внимание, говорно-јазична стимулација и комуникација, развој на социоемоционални вештини, поттикнување игра, интеракција и функционално учење, развој на самопомош и секојдневни животни вештини, советување и насоки за родителите за работа во домашни услови.
Работата во двата центри се реализира во безбедна, структуирана и поддржувачка средина, прилагодена на индивидуалните способности и потреби на секој корисник. Работното време е секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, а по потреба и во договор со родителите/старателите, услугата може да се реализира и до 18:00 часот.
МИА
Ново на Сител
-

Мерц со иновативни предлози за проширувањето
-

Филипче: Иницијативата на Мерц е уште еден доказ дека постои желба за проширување на ЕУ
-

Мицкоски: Наскоро успесите на владата ќе ги гледаат само на телевизија
-

Филипче со нов повик до Мицкоски: Уставните измени да ги направиме заедно и да споделиме одговорност
-

Утре прва официјална средба Муцунски-Чамова
-

Европските пари ги судрија математиките на власта и опозицијата
-

Случајот „Мазут“ на повторно разгледување по жалбата на ЕСМ
-

Власта го помина новиот заем во Комисијата за финасирање и буџет - СДСМ се повлече од работата, најави интерпелација за Гаши
