ССМ ќе го блокира Собранието, бара повисока минимална плата и намалување на функционерските

Сојузот на синдикати на Македонија најави дека денеска во 9 ќе го блокира пристапот до Собранието со што ќе почне блокади на институции кои, како што велат од синдикатот, го кочат зголемувањето на минималната плата. Ќе бидат блокирани улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“ кај зградата на Собранието.
Од ССМ велат дека со блокадата ќе биде испратена порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати.
- Пратениците се уште се прават глуви на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата и на останатите плати за 100 евра, како и за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти, односно да си ја намалат основицата за пресметка на плата од просечна на минимална плата и да ги намалат нивните коефициенти на сложеност, изјави вчера претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Според претседателот на Собранието Африм Гаши, законодавниот дом денеска ќе работи паралелно со протестот на ССМ. Очекува протестот да помине мирно, а ќе нема дополнително обезбедување на објектот.
- Нема да има специјално обезбедување на Собранието. Шефот на мојот кабинет се сретна со началниците во МВР, тие си имаат редовни безбедносни протоколи. МВР ги презема сите свои мерки. Се надевам дека се ќе биде мирно и ќе тече се како што треба. Така, тие ќе си протестираат, ние ќе си работиме, кажа Гаши вчера на брифинг со новинарите.
Очекува дека само влезовите за возила ќе бидат блокирани, како што најавија од Синдикатот.
-Не верувам дека некој пратеник нема да дојде пеш, рече тој.
На прашање дали пратениците се расположени за исполнување на барањата на работниците за 600 евра минимална плата и за линеарно зголемување за 6.000 денари на сите останати плати, Гаши рече дека секоја партија ќе си заземе свој став.
Премиерот Христијан Мицкоски завчера го повтори ставот дека минималната плата ќе се зголеми согласно со закон и оти за Владата е неприфатлив предлогот државата одреден период да ги финансира придонесите на работодавачите за тие да ја зголемат минималната плата.
- За минималната плата нашиот став е јасен - да, ќе ги зголемиме минималните плати соодветно на законското решение, а ако постигнат договор меѓу себе работодавачите и работниците, ние ќе го поддржиме и ќе поздравиме. Но, тогаш ќе треба да го нивелираме и овој договор, што го имаме сега, со овие две гранки, зашто тогаш во пресметката, во методологијата, усогласувањето со минималната плата ќе дојде премногу големо, зголемено за одреден процент, а тие пари во Буџетот ние ги немаме, рече Мицкоски, кој најави дека коефициентите за платите на функционерите ќе се корегираат согласно со законот, до крајот на февруари.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, пак, во пресрет на блокадите на ССМ порача дека прашањето за минималната плата е чувствително и токму затоа, како што рече во телевизиско гостување „не се носи решение под притисоци или пак краткорочни политички решенија“.
-Се чекаат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и во март ќе има законско нивелирање на платите од 1500 до 2000 денари, наведе Дурмиши, повторувајќи исто така дека Владата ќе поддржи договор меѓу работодавачите и синдикатите за повисока плата, но не и да ги покрие трошоците на работодавачите.
Според Дурмиши, со вработените во јавниот сектор е заокружен дијалогот за платите, откако завчера Владата постигна договор со дел од репрезентативните синдикати за раст на платите на 11 000 административци, по договорот за платите во здравството, образованието, одбраната и полицијата.
МИА
Ново на Сител
-

Законот за високо образование „под лупа“, професорите и студентите со сериозни забелешки
-

Тема на денот со Александар Николовски, поранешен претседател на УСС и Бленди Ходаи, претседател на Форум за образовни промени
-

Обвинтиелството без детали - партиите се обвинуваат меѓу себе
-

Доживотна казна затвор за штипјанецот кој ја уби мајка си
-

Доктори од Словенија: Онколошки пациенти се лекувале со погрешна терапија
-

Речиси 5000 казни за една недела од Сејф сити, најголем број за брзо возење
-

Сејф сити им донесе проблеми на приватните превозници
-

ССМ утре ќе го блокира Собранието, пратениците на работа ќе одат пеш
