ОН: Во Северна Кореја се бележи зголемен број на смртни казни и затвореници на принудна работа
Севернокорејската влада сè повеќе ја користи смртната казна, вклучително и за луѓе кои гледаат и споделуваат странски филмови и ТВ драми, и принудува се повеќе луѓе на принудна работа, додека дополнително ги ограничува нивните слободи, се наведува во новиот извештај на ОН.
Извештајот, што се базира на повеќе од 300 интервјуа со луѓе кои избегале од Северна Кореја во текот на изминатите 10 години, откри дека смртната казна се користи почесто отколку порано.
Канцеларијата за човекови права на ОН откри дека во текот на изминатата деценија, севернокорејската држава ја зајакнала контролата врз „сите аспекти од животот на своите граѓани“.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, рече дека ако оваа ситуација продолжи, Севернокорејците ќе бидат „изложени на повеќе страдања, брутална репресија и страв што го трпеле толку долго“.
Извештајот, исто така, откри дека владата во Пјонгјанг во текот на изминатата декада ги принудила луѓето да работат се повеќе, а луѓето од сиромашните семејства се регрутираат во „шок бригади“ за да извршуваат физички тешки задачи, како што се градежни или рударски проекти.
Работниците се надеваат дека ова ќе го подобри нивниот општествен статус, но работата е опасна, а смртните случаи се чести, но наместо да ја подобри безбедноста на работниците, владата ги величи смртните случаи, нарекувајќи ги жртви на лидерот Ким Џонг Ун.
Во последните години, владата дури регрутирала илјадници сирачиња и деца од улица, се тврди во извештајот.
Извештајот на ОН од 2014 година за прв пат откри дека Пјонгјанг извршува злосторства против човештвото, вклучително и доживотен затвор во политички логори, а нов извештај покажува дека најмалку четири од овие логори сè уште работат, додека притворениците во редовните затвори продолжуваат да бидат мачени и злоупотребувани.
Севернокорејските дезертери изјавиле дека се надевале дека ситуацијата ќе се подобри во раните денови на владеењето на Ким Џонг Ун, откако тој вети дека никој нема да гладува, но сега тврдат дека животот во Северна Кореја станал потежок, со три оброци дневно како „луксуз“ и луѓе кои умираат од глад.
Неименуван сведок им рекол на истражителите дека овие репресивни мерки имаат за цел „да им ги затворат очите и ушите на луѓето“.
ОН ја повикаа севернокорејската Влада да ги затвори политичките кампови, да ја укине употребата на смртна казна и да ги едуцира граѓаните за човековите права, а воедно побараа ситуацијата да се изнесе пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
Меѓутоа, за да се случи тоа, потребни се насоки од Советот за безбедност на ОН, чии членови се Кина и Русија, со кои Ким Џонг Ун одржува блиски врски.
МИА
Ново на Сител
-
Дрисла чади 4 ден, надлежните утре влегуваат со нова механизација
-
Партиите ги финализираат списоците со кандидати за градоначалници и советници - утре на полноќ истекува рокот за поднесување
-
Предизборни пратенички прашања: АНБ, провокации за името, партиски трансакции
-
Онкологија 2: Нино Васев и Ненад Нухи не чувствуваат вина за кривичните дела за кои ги товари обвинителството
-
ОЈО - Штип со детали за тешката сообраќајна несреќа со кобни последици
-
Со зголемени казни пониски цени - Владата најави измени во Законот на нефер трговски практики
-
Преглед на вестите од светот
-
Тројца загинати и двајца повредени е црниот биланс на сообраќајната несреќа на експресниот пат Штип-Радовиш