„Волстрит џурнал“: Трамп го поддржува Венс за директни разговори со Резаи

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс размислува за директна средба со секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, како дел од напорите на Вашингтон за продолжување на разговорите со Техеран и завршување на војната со Иран, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски и блискоисточни претставници запознати со разговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп им кажал на своите помошници и странски претставници во изминатите денови дека е отворен за можноста Венс да ја преземе водечката улога во обновените разговори со Иран и го овластил да води дипломатски контакти, наведоа изворите на весникот.
Според медиумот, Венс во октомври испратил писмо до Мохсен Резаи, во кое барал средба. Сепак, разговорите за можна средба меѓу Венс и иранските претставници се уште се во прелиминарна фаза, а датумот за средбата не е одреден.
Можните директни разговори меѓу американскиот потпретседател и еден од врвните безбедносни претставници на Иран би биле невообичаен дипломатски потег, но и значаен политички ризик за Венс, кој би можел да стане главна фигура во преговорите доколку не успеат да постигнат договор.
Од друга страна, успешниот исход би можел да ја зајакне неговата политичка позиција и да го претстави како функционер на кого му се припишува завршувањето на непопуларниот конфликт.
Според двајца американски функционери, Трамп го критикувал меморандумот за разбирање со Иран од јуни, чие склучување Венс помогнал да се постигне, во приватни разговори, велејќи дека му овозможил на Техеран да се опорави и да генерира приходи од извозот на нафта пред воведувањето на американската поморска блокада.
Венс во изминатите денови презеде поактивна улога во дипломатските напори од специјалните претставници на Белата куќа, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои исто така учествуваат во преговорите за завршување на конфликтот, објави „Њујорк тајмс“.
Потпретседателот на САД разговараше со катарскиот премиер во понеделникот, а двајцата подоцна се сретнаа со Трамп и други функционери на Белата куќа.
Катар се разгледува како можна локација за следната рунда разговори, доколку Венс и иранските функционери се согласат да се сретнат.
Според весникот, некои претставници на Блискиот Исток веруваат дека командантот на Иранската револуционерна гарда, Ахмад Вахиди, има поголемо влијание од Резаи и би можел да ги загрози сите можни разговори со Вашингтон.
Претходните обиди на Венс за дипломатско решение, за време на разговорите со Иран во Швајцарија во јуни, резултираа со привремено прекинување на непријателствата и меморандум за разбирање, но без конкретни ирански обврски за ограничување на неговата нуклеарна програма или контрола на поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп ја номинира адвокатката Кристи Меккормик за нова амбасадорка во Македонија
-

Нацрт-верзиите на Кривичниот Законик и Законот за кривична постапка отпатуваа за Брисел
-

До февруари „Сејф Сити“ низ цела држава – Годишно се очекуваат 10 милиони евра од казни во буџетот
-

Обвинителот Игорчо Крстов бара Ива Михаилова јавно да се извини за клеветењата
-

Во некои одделенија и по 10 ученици немаат втора доза на МРП вакцина
-

Преглед на вестите од светот
-

Ребалансот на буџетот и Законот за јавни набавки со над 2000 амандмани на Собраниска седница
-

Филипче: Во кое својство Мицкоски преговара за продажба на Алта Банка?
