Македонија
12. September 2022 - 12:18

Втор уписен рок на Штипскиот универзитет

Денеска е последен ден од вториот уписен рок на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Од ректорската управа информираат дека освен на Факултетот по општа медицина, каде уште во првиот уписен рок е потполнета квотата, на останатите 11 факултети и 3 академиии има слободни места. 

-Можам да кажам дека првиот уписен рок помина успешно, се уште се запишуваат студентите. Постои интерес и за другите студиски програми, па ќе видиме како ќе биде после вториот уписен рок. Потоа има определен временски период за прелиминарни резултати и приговори, по што ќе излеземе со конечните резултати од вториот уписен рок- изјави Мишко Џидров, проректор за настава -УГД-Штип.

Третиот уписен рок е закажан за 21-ви и 22-ри септември, по што ќе биде објавена листата на запишани студенти.

-Со настава ќе започнеме од 3-то октомври. Ќе биде со физичко присуство, сите се враќаме во предавалните, со исклучок на големите групи, каде што ќе имаме некој хибриден модел на настава- додаде Џидров.

Во тек е и аплицирањето на бруцошите за сместување во студентскиот дом „Браќа Миладоновци“, каде слободни места има за 40 студенти.