ЕУ и Австралија постигнаа историски договор за слободна трговија и одбранбено партнерство

Европската Унија и Австралија ги финализираа преговорите за Договорот за слободна трговија, објавија денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и австралискиот премиер Ентони Албанезе.
Овој чин претставува кулминација на преговорите кои траеја осум години. Главната цел на договорот е целосно отстранување на царините и трговските бариери, со што ќе се овозможи значителен поттик на размената на стоки и услуги меѓу двете страни.
Заокружувањето на овој процес е дел од стратегијата на Брисел за диверзификација на трговските партнери во период на засилени тензии со Кина поради пазарните правила, но и затегнатите односи со САД под претседателство на Доналд Трамп, наведува германската агенција ДПА.
Договорот го рефлектира и засилениот интерес на Европа за Индо-пацифичкиот регион, надоврзувајќи се на сличните договори склучени со Индонезија во септември и со Индија во јануари.
– Денеска испишуваме историја во свет кој поминува низ длабоки промени – свет во кој глобалните сили ги користат царините како лост за притисок, а синџирите на снабдување како слаби точки за експлоатација. Во оваа наша нова приказна, отворената трговија базирана на правила носи позитивни резултати, бидејќи довербата е поважна од самите зделки – изјави Фон дер Лајен пред новинарите во Канбера.
Паралелно со трговскиот дел, Албанезе и Фон дер Лајен го претставија и новото стратешко партнерство за безбедност и одбрана. Според соопштението на австралиската влада, оваа соработка ќе опфати зајакнување на одбранбената индустрија, кибер-безбедноста, економската стабилност, борбата против тероризмот и сите форми на омраза, како и заеднички одговор на хибридните закани.
За договорот официјално да стапи во сила, потребно е да биде одобрен од земјите-членки на ЕУ, Европскиот парламент и Парламентот на Австралија.
МИА
Ново на Сител
-

Дел од регионот се соочува со недостиг, а во Македонија дизелот поевтинува за еден денар
-

Цените на горивата може да ја забрзаат инфалцијата
-

Безбедносната состојба стабилна, Американците во светот повикани на претпазливост
-

СДСМ: Пратеничката група ни е стабилна, утре Централен
-

Костадиновски: За воведување на уставна тужба неопходни се уставни измени
-

Онлајн радикализацијата како безбедносен проблем: Како се одвива екстремистичкото регрутирање
-

Стан во Аеродром за 166 500 евра, куќа во Центар 1,5 милиони евра - пазарот на недвижности во подем
-

Истрага за злоупотреба на боледувања се води и во МВР - за Тошковски виновни се лекарите
