Македонија
7. September 2025 - 16:34

Пожари на истокот

Три уништени производствени погони и голема материјална штета е црниот биланс од пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница, позната по брендот „Винчини“. Пожарот бил пријавен во 18 и 40, по што екипи на против пожарните единици од повеќе градови од истокот се ангажираа за негово гаснење. Опожарени се 3 производствени линии, означени како 6,7 и 8, од кои и два магацини.

Интервенцијата на пожарникарите спречила огнот да се прошири на производствените линии 1 и 5. По неколку часовна борба со пламените јазици, пожарот во целост е локализиран и ставен под контрола. Од стопанската комора информираа дека  и тие вчеравечер биле вклучени во напорите за гаснење, изразија жалење за претрпената материјална штета и најавија формирање на кризен штаб со сопственикот на фабриката, која е нивна членка, за нормализирање на состојбата. Огнената стихија, според нив, ќе остави длабока трага врз работењето на компанијата која е една од најуспешните извозни компании во Македонија.

Доцна синоќа избија и големи пожари на отворено. На падините на планината Голак во близина на селото Косово-Дабје, беше зафатена поголема површина со борова шума. Вториот пожар е во близина на с. Драмче, Делчевско. Според последните информации од терен, благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, шумското стопанство, граничната полиција, МВР и граѓани доброволци, двата пожари се ставени под контрола. 

Активен е пожарот кај с. Русиново, Беровско, каде гори дабова и букова шума и папрат, за што се повикани да интервенират хеликоптери и ер трактори од воздух.