Македонија
2. April 2024 - 12:20

Штипските инспектори на терен - Ќе се казнува неодговорно одлагање на градежен шут

Итна и неодложна примена на строгата казнена политика за несовесните граѓани, но посебно за правните лица кои наместо на депонијата, градежниот шут и друг вид на отпад го одлагаат кој како му одговара, најавуват комуналните инспектори. Постапката за одлагање на остатоци од градежни материјали, шут и земја, јасно е прецизирана.

- Да се одлага со претходна најава од фирмите и компаниите, со цел да бидеме информирани и ние како Општина, да знаеме колку се долага, во кое време, која количина и кои фирми, изјави Борче Везенков, комунален инспектор – ЛС – Штип

Не само што ја загадуваат околината, со неадекватното депонирање, градежниците им прават и дополнителни трошоци на општината, зашто отпадот мора повторно да го собираат и да го одлагаат на соодветни локации, а сето тоа се плаќа од џебот на сите граѓани.

- Самите фирми треба да знаат каде да го одлагаат, а не на локации по своја воља или онаму каде што мислат дека им е поблиску, а со тоа ни прават проблеми- додаде Везенков

Глобите за непочитување на одлуките за депонирање на отпад се движат од 1500 до 3000 евра за правното лице, а казна од 500 евра заработува и одговорното лице. Ваквата грда слика не е ексклузивитет само за Штип и околината, туку е проблем со кој се соочуваат сите општини од источниот регион.