Тошковски: Злоупотребите на боледувањата треба да се стават под контрола, но со почитување на законите и човековите права

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во врска со најавените контроли во домовите на лица кои се на боледување со цел сузбивање на злоупотребите на боледувањата, истакна дека постојат злоупотреби кои не се отсега, туку се од години наназад, како во државниот, така и во приватниот сектор и оти тоа треба да се стави под контрола, но напомена дека мерките кои ќе се спроведуваат во таа насока мора целосно да ги почитуваат човековите права и да се во законските рамки.
-Не сум ја слушнал изјавата на директорот, но сигурен сум дека со кој било чекор којшто би го превзеле во иднина, апсолутно ќе бидат почитувани човековите права и во никаков случај никакво човеково право нема да биде загрозено од страна на ниедна институција во државата. А од аспект на контрола и од аспект на потреба од подобар институционален одговор во дел од огромната злоупотреба на боледувањата којашто ние ја имаме, сите знаеме дека во изминативе години, не две, пет, десет, од самата независност на државата, имаме катастрофални злоупотреби од страна на одредени чинители во рамки на овој дел од државниот апарат, од огромен број на граѓани и од огромен број на неработници, како во рамки на државните институции, така во рамки на приватните институции - рече Тошковски.
Тој додаде дека секој граѓанин треба чесно, совесно и одговорно да работи.
-Како што ние денеска сме тука на работа и работиме, како што вашиот колега ги држи микрофоните, а не е на боледување, а е способен да ги држи, како што вие сте способни да поставувате прашања, а јас да одговорам, така секој еден во рамки на она коешто е способен да го сработи треба да го сработи чесно, совесно и одговорно, а не да оди на боледување кога ќе му текне - рече министерот.
Додаде дека сите мерки кои ќе се преземаат во насока на контрола на боледувањата треба да бидат согласно Уставот, законите, Европска конвенција за човекови слободи и права, сите меѓународни конвенции.
По барање на МВР, ФЗО во втората половина на 2025 година контролирал 80 вработени во полицијата кај кои биле евидентирани вкупно 514 боледувања. Неправилности биле утврдени кај 29 лица, односно кај речиси 37 проценти од контролираните вработени. Од вкупно 514 проверени боледувања, 100 биле оценети како неуредно или неправилно издадени – околу 19,5 проценти. Контролата опфатила и 105 приватни здравствени установи, најголем дел ординации по општа медицина.
ФЗО тогаш објави и примери што укажувале на заобиколување на системот. Во еден случај вработен во период од година и половина четирипати го менувал матичниот лекар, а во друг биле користени последователни боледувања со различни дијагнози.
Анализа на боледувања се прави и на примерот во Министерството за одбрана, а како што истакна директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински минатата недела и тој процес е при крај.
Перински минатата недела најави построги контроли на боледувањата нагласувајќи дека до Управниот одбор ќе биде предложена предлог-измена на Правилникот за боледување, со цел да се осигура дека средствата што ги исплаќаат стигнуваат до оние на кои им се најпотребни, како и за да се зајакнат механизмите што ќе овозможат превенција на потенцијална злоупотреба на боледувањата.
Тој додаде дека контроли ќе се вршат по пријава на работодавачите, но и по случаен избор. Доколку контролорот не го најде осигуреникот дома, ќе биде оставен документ со кој лицето се упатува да се јави пред лекарска комисија и да даде образложение, а за тоа ќе биде известен и работодавачот.
Директорот на ФЗО истакна дека само во текот на август Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари се издвоени за породилни отсуства, а преостанатиот дел за други боледувања.
ФЗО за 2026 година во рамките на својот буџет има предвидено 6 милијарди 454 милиони денари средства, што се наменети за боледувања и породилни отсуства. Тоа е значителна сума и во таа насока мораме да го затегнеме системот на контрола - порача тој.
МИА
Ново на Сител
-

Презентирани над 200 докази во случајот со Груби за злоупотреби во Државната лотарија
-

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Левица за платено политичко рекламирање, Левица обвинува за партизација на Судот
-

Судски совет: Се работи на расчистување на состојбите во Основниот суд Куманово
-

Амбасадорите за Норвешка, Бугарија, Шведска и Романија ги претставија дипломатските платформи во Парламентот
-

Од денеска Хрватска ќе издава визи за камионџиите
-

Клековски: Имаме ситуации со луѓе кои се на боледување, а на Инстаграм се сликаат на одмор во Италија
-

Неопходни се рабони места кои ќе понудат баланс меѓу приватниот и професионален живот
-

Донирај текстови, документи и гласовни снимки за потребите на „Везилка“
