Објавен повик за бројот 116 000 за повикувачки центар за исчезнати деца
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави повик за поднесување барање за доделување на бројот 116 000 кој е резервиран за обезбедување на услуга повикувачки центар за исчезнати деца. Ќе се доделува број од нумеричкиот опсег 116 наменет за услуги со социјално значење хармонизирани на европско ниво.
Службата што треба да се воспостави ќе прима повици за пријавување за исчезнување на деца и ќе ги препраќа до полиција. Ќе нуди помош и поддршка на лица кои се одговорни за исчезнатото дете и ќе помага во истрагата. Давателот на услугата мора да гарантира дека услугата е достапна во секое време ( односно 24 часа на ден, 7 дена во неделата, на национално ниво).
Барањето за доделување на бројот до АЕК е поднесено од Здружение за акција против насилство и трговија со луѓе Отворена порта Скопје, а регулаторот постапува согласно со Упатство за доделување и услови за користење на Национални броеви за услуги хармонизирани на европско ниво и за услуги од општествено и национално значење во државава.
Определен е рок од 15 дена од објавувањето на Јавениот повик за искажување на можен дополнителен интерес за доделување на бројот 116 000. Доколку во тој рок никој не изрази дополнителен интерес за доделување на бројот, АЕК во рок од 21 ден од денот на приемот на целосното барање ќе донесе одлука.
Во случај повеќе непрофитни организации да пројават интерес за доделување на истиот број од серијата 116, АЕК носи одлука за избор врз основа на претходна изјава на надлежниот државен орган. Подносителот на барањето прво треба да се договори со државниот орган, во случајов Министерството за внатрешни работи, за методите, условите, правата и обврските за давање услуги од општествено значење за бројот за кој е поднесено барањето. АЕК со решение го доделува бројот од серијата 116 во период не подолг од три години.
Хармонизирана услуга од општествено значење е услуга која што е од особено значење за жителите и посетителите од странски држави и задоволува специфични општествени потреби, особено оние што се однесуваат на здравјето и безбедноста на граѓаните или на одредена група граѓани или им помага на граѓаните во неволја. Такви услуги согласно со хармонизираната регулатива во цела Европа, покрај повикувачки центар за исчезнати деца („Hotline for missing children ") се и повикувачки центар за жртви на криминал („Victims of Crime "), повикувачки центар за помош на жртви на насилство врз жени („Helpline for victims of violence against women "), повикувачки центар за деца („Child Helpline "), повикувачки центар за медицински услуги („Non-Emergency Medical Services"), повикувачки центар за емоционална поддршка („Emotional support helpline ").
Преку системот за алармирање за исчезнати деца и лица „Најдиме.орг.мк“, што профункционира од крајот на 2023 година, се споделени пет до шест аларми за возрасни и еден аларм за дете, според податоците објавени на тркалезната маса „Предизвици во националното алармирање за исчезнати деца“ што се одржа во Скопје на Меѓународниот ден на исчезнати деца - 25 мај. Тогаш беше упатен апел да се зајакне системот за алармирање за исчезнати деца и да се унифицира известувањето преку каналите за информирање на јавноста (електронски, печатени медиуми и телефонски оператори). Претставници од повеќе институции и општествени чинители, МВР, канцеларијата на Народен правобранител, Агенција за заштита на лични податоци, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонското здружение на млади правници, граѓански организации дискутираа за можностите и предизвиците во процесот на законско усогласување и потребни измени со цел унифицирање на систем на национално алармирање за исчезнати деца. Изнесените мислења и ставови, како што беше најавено, ќе бидат споделени како предлог за законски измени со цел институционализирање на системот за алармирање за исчезнати деца.
На веб страницата на МВР има околу 70 лица кои се водат како исчезнати, а објавени се и препораки. Се укажува доколку некое лице исчезне, да се контактираат сите кои би можеле да го знаат местото на престој на исчезнатото лице, да се соработува со полицијата, да се дадат сите информации за пријателите и роднините на исчезнатото лице, местата кои често ги посетува, здравствената состојба или начин на однесување во блиското минато. Исто така, да се споделат карактеристичните размислувања на исчезнатото лице, неговите видувања за идни планови. - Не сокривајте информации од полицијата, бидете достапни - Обезбедете фотографија и дозволете и на полицијата да ја сподели со јавноста. Обратете се во најблиската полициска станица, полицискиот службеник за прифат или инспекторот по потраги ќе ги земе сите податоци кои се потребни. Водете грижа за лицата кои имаат здравствени проблеми и страдаат од болести заради кои ја губат способноста за осознавање, не ги оставајте без придружба и надзор, стои во препораките.
Ново на Сител
-
Денеска вкупно 29 пожари, активни се уште се 9, меѓу кои и кај Блаце
-
Тема на денот со Мартин Костовски, кандидат за Куманово и организациски секретар на СДСМ
-
Реакции по извештајот за напредокот на Македонија
-
Рокас: Идентитетот и јазикот најдобро се бранат со членство во ЕУ
-
Георгиев: Спречивме Мицкоски да го искористи ЕП за политичка пропаганда
-
Приведени три лица за кои постои сомнение дека подметнувале пожари
-
18 лица побарале помош на Токсикологија како последица од пожарите
-
Обвинувања околу справувањето со пожарите